Швајцарската амбасадорка Сибиле Сутер Тејада денеска го посети градилиштето на Пречистителната станица за отпадни води во кочанското село Мојанци.

На средбата со тимот швајцарски и локални експерти и претставници на градежните компании што учествуваат во реализацијата на проектот, пред амбасадорката беа претставени досегашните градежни и тековните активности, како и придобивките од проектот.

Според Никола Вангелов, претставник на консултантската куќа „Ернст Бастлер и партнер“, се очекува во иднина овој објект да добие регионален карактер со можноста за прибирање и прочистување на отпадните води и од Виница.

Пречистителната станица се гради во Мојанци, на најниската гравитациска точка на вливот на Масалница во Брегалница и ќе ги прочистува водите од сегашните девет испусти од Оризари до Подлог кои ќе бидат собрани во главен колектор. Ќе биде опремена со најсовремена технологија, со мала површина и минимални трошоци за експлоатација и одржување. Со Пречистителната станица ќе бидат третирани отпадните води од градот Кочани и од околните рамничарски села, со капацитет од 58 илјади еквивалент жители.

Проектот е со вкупна вредност од 23 милиони швајцарски франци, од кои наjголемиот дел е на Швајцарската агенција за развој и соработка.