Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и пратеничката во Собранието на Република Франција, Лилјана Танги денеска ја посетија Општина Кочани.

На средбата со градоначалникот Илијев, отворајќи прашања од интерес на локалната заедница, посебно се осврнаа на искористувањето на геотермалните води со кои располага Кочани – и на напорите за изнаоѓање потенцијални инвеститори од Република Франција.

– Како потпретседателка на Комисијата за европски прашања но и потпреседателка на групата за пријателство Франција-Македонија во француското собрание, дојдена сум да учествувам и да ги олеснам односите меѓу двете земји, коишто се многу важни. Ќе се обидам да ги истакнам сите предности коишто ги поседува овој регион на економски и на технички план, затоа што сум убедена дека Франција може да ја даде својата помош, но уште поголема помош може да пристигне од Европската Унија, преку спроведување на конкретни проекти коишто ќе помогнат низ духот на политичката толеранција на сите чинители од општеството, Македонија да ја направат подобра земја и да ја однесат на патот кон европска интеграција – изјави по средбата пратеничката Танги.

Амбасадоторот Тимоние ја потенцираше поддршката од Франција и потребата Македонците да покажат дека се обединети на патот кон Европа.