Во рамките на Проектот за изградба и санација на локални улици и патишта  во општините, вреден вкупно 70 милиони  евра, Министерството за транспорт и врски распиша јавна набавка за рехабилитација на крак од улицата „Тодосија Паунов“ во Кочани.

Поправките на левата лента од улицата „Тодосија Паунов“ ќе се реализираат од Кружниот тек кај Полициската станица до спојот со „Киро Кикенски“. Вкупната должина на сообраќајниот потег што ќе се рехабилитира е 955 метри од коловозот. Паралелно со улицата ќе се поправа и тротоарот, кој на повеќе делови има сериозни оштетувања и го отежнува движењето на пешаците.

Наредниот период со средства од општинскиот буџет се очекува реконструкција и на тротоарот од десната страна на „Тодосија Паунов“, кој според најавите ќе добие обележани велосипедска и пешачка патека.

Подобрувањето на состојбата на левата лента на улицата „Тодосија Паунов“ ќе  биде само еден дел од комплексното сообраќајно решение што се планира да се реализира  сѐ до влезот во Кочани, кај улицата „Четврта македонска бригада“. Тоа опфаќа два нови кружни тека и проширување на „Стево Теодосиевски“ (поранешна „Ленинова“), проект чијашто реализација е почната, но чека да се продолжи по донесување судски одлуки.

Во меѓувреме стручните служби во Општина Кочани разработуваат уште неколку решенија за подобрување на сообраќајниот проток, но и за паркирањето во централното градско подрачје во Кочани.