Напредуваат активностите за реконструкцијата на плочникот во Трговскиот центар.  Градежните работници на изведувачот „Исток мермер“ едновремено поплочуваат на четири страни од површината опфатена со реконструкцијата.

– Завршени се повеќе од 60 % од градежните работи. Претстои вградување на решетките за атмосферска вода и поставување на клупите. Ако дозволат временските услови, со ваква динамика до средината на февруари ќе финишираме со нашите задачи – соопшти Васил Гошевски од компанијата „Исток мермер“ од Долни Подлог.

Просторот опфатен со реконструкција ќе биде осветлен со вградени подни ЛЕД-светилки и рефлектори. Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе го озелени и хортикултурно ќе го облагороди земјениот дел.  

Со реконструкцијата на плочникот во Трговскиот центар е опфатена површина од 2 800 метри квадратни. На местото на претходно отстранетите бетонски плочки се поставуваат гранитни, нелизгави плочки.

Со новото инфраструктурно решение, Трговскиот центар ќе добие на функционалност, поголема слобода во просторот и урбан амбиент. Комплетирањето на овој простор ќе се обезбеди и со новото детско игралиште, јужно од Павилјонот, за чија изградба во тек е јавна набавка.