Мерката за дезинфекција на производните хали и работните простории на стопанскиот сектор, иницирана од градоначалникот Николчо Илијев, наиде на голем одзив кај кочанските стопанственици.

Според командирот на Територијалната противпожарна единица Благојчо Паунов, списокот на пријавени правни субјекти од Кочани за неполни 24 часа е долг, а пожарникарите веќе дезинфицираат во приватните компании.

– Проширувањето на заштитата и во производните хали е уште еден начин да придонесеме за намалување на ризикот од ширење на коронавирусот. Повторно ќе повикам сите да  се однесуваме одговорно, зашто само со доследно почитување на сите мерки, ќе покажеме висока свест и почит и кон самите себе и кон сите околу нас – апелира градоначалникот.

Илијев потсетува дека викендов на сила е и новата мерка на Владата за забрана за движење на сите граѓани во периодот од 16:00 часот попладне до 5:00 часот наутро. Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.

Бројот на лица од Кочани кои се во самоизолација е 60 и според информациите на службите што контактираат со нив, засега ниеден не покажува симптоми на болеста КОВИД-19. Надлежните упатуваат повик овие лица да ги почитуваат мерките и препораките од Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација.