Од први септември, во состав на Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Павлина Велјанова“ ќе започне со работа Центарот за ран детски развој во Тркање. Министерството за труд и социјална политика донесе решение за вршење на дејноста на овој Центар во објектот на Подрачното училиште „Никола Карев“.

Центарот за ран детски развој во Тркање има можност да згрижува и воспитува четириесет деца на возраст од три до шест години, односно до поаѓање во основно училиште, организирани во две хетерогени групи.

– Министерството изврши увид по што утврди дека се обезбедени соодветни просторни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар, програма за вршење на дејноста како и финансиски средства за отпочнување со работа на Центарот за ран детски развој во Тркање. Ние ги повикуваме сите родители на деца на возраст од три до шест години на кои им одговара згрижување на деца во Центарот во Тркање да поднесат пријава за упис во објектот „Бамби“, кај Автобуската станица – информираат од Управата на „Павлина Велјанова“.

Згрижувањето и воспитувањето на децата преку Центарот за ран детски развој е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден, а според соодветните услови, ќе започнува од 12 ч., односно по завршувањето на училишната смена.

Работата на Центарот за ран детски развој во Тркање ќе биде своевидно олеснување за родителите чии деца се наоѓаат на листата на чекање, чиј број  е близу 200.