Територијалната противпожарна единица – Кочани доби 18 комплети нови работни униформи, неопходни за извршување на секојдневните обврски.

– Комплетите се составени од панталони, кошула, џемпер, маица, капа, чевли и чизми и претставуваат основна потреба на секоја противпожарна единица – изјави командирот на кочанските пожарникари Благојчо Паунов.

– Денеска им ја предадовме новата опрема на пожарникарите од нашата единица. Во 2018 година, за првпат од постоењето на Единицата, набавивме заштитна пожарникарска опрема, бидејќи досега ја добивале како донација, веќе користена опрема од други држави. За неа издвоивме близу 700 илјади денари. Обезбедивме и нова работна облека во вредност од околу 300 илјади денари, што значи дека за кратко време вложивме 1 милион денари за заштитна и работна опрема и покажавме дека луѓето што работат во Територијалната противпожарна единица се важни за сите нас. Ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина, Единицата е значајна не само за граѓаните на Кочани, туку и на соседните општини кои ги користат нејзините услуги и ние ќе настојуваме таа да биде опремена и во добра кондиција за да може да одговори на предизвиците и да ги  штити човечките животи и материјалните добра – рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во текот на јануари Територијалната противпожарна единица – Кочани има регистрирано 18 интервенции, пред сè на индивидуални станбени објекти. Располага со шест возила, од кои четири навални и две теренски. Дејствува на територијата на трите општини: Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.