Синоќа, околу 21 часот Кочани го зафати невреме проследено со силен дожд, грмотевици, град и ветар.  Од врнежите кои траеја близу час и половина, на најголем удар се најде источниот дел од градот, кај Старата индустриска зона. Поплавени се објекти по булеварот „Тодосија Паунов“, неколку стопански субјекти сѐ до поранешна „Хартија“ и Агенцијата за вработување. Дел од сопствениците тврдат дека  нивото на водата достигнало и 1,5 м.

Службите на КЈП „Водовод“ и Територијалната противпожарна единица реагирале веднаш, испумпувајќи ја водата од поплавените домови и стопански објекти и во централното градско подрачје, во Трговскиот центар и на улицата „Глигор Апостолов-Гочо“. Територијалната противпожарна единица досега интервенирала на 16 објекти, од кои пет биле индустриски капацитети.

– Синоќа КЈП „Водовод“ беше на терен со екипи и со цистерни за одводнување, дополнително интервенираше и Противпожарната единица, па кога потпрестана дождот имавме на улиците 20 луѓе кои работеа на чистење на наносите од земја и камења на самите коловози. Денеска повторно сме на терен, таму каде што има проблеми ја одзатнуваме каналската мрежа. Комунална хигиена е со полн капацитет, работи на повеќе места за отстранување на наносите, и правиме сѐ градот да се врати во нормала – соопшти Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

По синоќешниот и утринскиот увид на состојбата, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека невремето исфрли на површина многу проблеми.

– Еден од нив е нашата граѓанска неодоговорност, бидејќи не мислиме на ваквите моменти и узурпираме дел од површините, на кои во минатото природата си направила свои текови и движењето на водата во вакви ситуации е отежнато. Тоа значи дека ни се наметнува потребата целиот овој потег повторно да го скенираме и да се направат проекти со коишто еднаш засекогаш ќе ги канализираме овие атмосферски води, за да ги намалиме ваквите проблеми со коишто се соочуваме во време на невреме – изјави Илијев.

Според Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за управување со градежно земјиште во Општина Кочани, штетите ги предизвикале водите од долот кај Трајаново Трло кои се слевале сѐ до крстосницата на „Киро Кикенски“ со „Тодосија Паунов“.

– За да го санираме сето ова планираме на местото каде што влегува главниот канал, да се исчисти просторот под каналот, а понатаму да направиме проект каде што ќе го канализираме овој потег од каналот. Исто така голем проблем имаме на спојот на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ со „Климент Охридски“, каде има големи штети и таму има услови да се направи атмосферска канализација што ќе оди до постојниот канал. Со канализирање на сите овие атмосферски води, мислам дека ќе се спречат натамошните проблеми во овој дел од градот – рече Димитров.