Започна реализацијата на проектот „Здрав совет за здрав потомство“, со кој во наредните шест месеци младите од Кочани, на возраст од 13-16 години, ќе добиваат бесплатни совети од областа на сексуалното и репродуктивното здравје.

– Проектот го спроведува Здружението „Благородна мисија“ во соработка со Центарот за јавно здравје и Општина Кочани, а целта е младите во ризичните години на пубертет да добијат корисни совети за превентива од сексуално преносливи болести и од несакана бременост. Заради тоа е отворено Советувалиште за сексуално и репродуктивно здравје во Центарот за јавно здравје во Кочани, во кое ќе работи стручен тим од гинеколог, микробиолог и епидемиолог. Исто така за учениците од осмо, деветто одделение и од прва година ќе бидат организирани предавања од социолог и психолог – соопшти Лидија Ефтимова од Здружението „Благородна мисија“.

Во проектните шест месеци советувалиштито ќе биде отворено за совети за граѓаните од сите возрасти коишто ќе имаат потреба од лекарска консултација. Исто така ќе бидат печатени материјали со корисни совети за сексуалното здравје и за однесувањето на младите.

Проектот ќе се реализира со 300.000 денари од Секретаријатот на Владата на Република Македонија.