На 8 мај, на платото на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“, Општина Кочани и ЕУ Инфо-точката во Македонија организираа прослава со која го одбележаа 9 Мај, Денот на ЕУ.

По тој повод, учениците од основните и средните училишта од Кочани претставија пет држави – членки на ЕУ: Романија, Обединето Кралство, Шпанија, Словачка и Финска.

На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, кој истакна дека при создавањето на европското семејство, на прво место е ставено вистинското партнерство меѓу Франција и Германија, пријателство кое денес е вистински пример за сите други држави како да ги решаваат историските антагонизми.

Во рамките на манифестацијата, со реквизити и печатен материјал беше претставена и Етнокуќата во Кочани како проект реализиран преку Програмата за меѓугранична соработка на ЕУ.

Во забавниот дел настапија музичките состави „Акустик меднес“ од Кочани и „Стенд бај“ од Штип.