Со пригоден настан, Библиотеката „Искра“ го одбележа Светскиот ден на книгата и на авторското право.

Пред публиката беа прочитани светската и македонската порака за празникот, од Одре Азуле, генералната директорка на УНЕСКО и од министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски. Тие го пренесуваат значењето на книгата за човештвото, коешто славејќи ја книгата ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време.

На чествувањето на книгата во „Искра“ говореше и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

– Со книгата се бориме против неписменоста, а со тоа и против сиромаштијата. Книгата е извор на знаење и мудрост, спој на минатото и сегашноста, токму затоа таа има иднина и во ова време кога дигиталната технологија незапирливо напредува. Општина Кочани и Библиотеката „Искра“ ќе продолжат да ја поддржуваат и да ја поттикнуваат издавачката дејност, особено работата на авторите кои творат во Кочани и за Кочани – рече Илијев и посака Библиотеката „Искра“ да биде омилено место за сите граѓани на Кочани.

Традиционално, на овој празник „Искра“ ги награди читателите за 2017 година. Марија Кирова од возрасните и Маријана Накова од младите читатели се рекордери во прочитани книги минатата година.