Дополнителната точка за дневниот ред на 48 седница на Советот на Општина Кочани, што ја предложи членот Љупчо Стојилков, ја остави полупразна салата на Советот.
Стојилков побара Советот да расправа за стопирање на наплатата на паркинг просторот со СМС-пораки, со што е зголемена цената за паркирање за еден час.
– Советот е изманипулиран, покажавте нетранспарентност и одовде ни дававте различни информации. Советот треба да се произнесе по ова прашање, а одлуката да се стопира додека не добиеме детални информации, рече Стојилков од говорницата во Советот.
За одземаната можност на Советот да расправа по ова прашање, реагираа и Ѓорѓи Алексов и Лилјана Арсова.
– Се работи за давачка чија цел е средување на сообраќајниот неред во градот. Ние, пред две години воведовме најнинска давачка од 10 денари за час. Цената останува иста. Сега се воведени грепки кои можат да се набават од киосци, а може да се плаќа и со СМС-порака. Граѓанинот воопшто не е оштетен, ако не сака да плаќа на модерен начин – одговори градоначалникот Димитровски.
Опозицијата во Советот ја напушти седницата, откако мнозинството не изгласа поставување на оваа точка на дневен ред.
Во продолжение Советот ја прифати предлог-одлуката за поддршка и реализација на проектот „Едукативен пункт за зачувување на биодиверзитетот на Осоговските Планини – локалитет Пониква“, а го продолжи и работното време на угостителските објекти за 11 и 12 јули.