Со седница на Општинскиот совет за безбедност на сообраќјот на патиштата, Општина Кочани започна постапката за трајно воведување еднонасочен сообраќај на неколку улици во централното градско подрачје.

– Целта е да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот на најфреквентните сообраќајници на кои со актуелниот начин на користење се создаваат застои и нервози меѓу возачите, а се зголемуваат опасностите за пешаците, образложи командирот на Полициската станица – Кочани, Горан Велковски.

– Се работи за воведување еднонасочен сообраќај на улицата „Илинденска“ од црквата „Свети Ѓорѓи“ до Црвениот крст, со тоа што ќе се опфатат двата крака на таа улица. Друг предлог за измена е улицата „Д-р Николиќ“ која би била еднонасочна од Црвениот крст кон управната зграда на „Водовод“. Следните улици се „ВМРО“ на потегот откај крстосницата кај двојниот мост до Шопинг центарот и „Кеј на Револуција“ од новиот мост кај Шопинг центарот до кружниот тек, соопшти Кирил Атанасов од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според доставените предлози, се предвидува во иднина движењето на возилата по „Кеј на Револуцијата“ да биде север – југ, односно да се вози само во правец откај мостот до кружниот тек кај Полициската станица. На улицата „ВМРО“ пак, би се возело обратно, само од југ кон север, односно откај двојниот мост во правец на Шопинг центарот. Исто така и познатиот Крушарски сокак односно улицата „Петровденска“, треба да стане еднонасочна во правец откај паркингот на Телеком, до спојот со „Димитар Влахов“. Едноначони би биле и двете помошни улици кои ги поврзуваат „Гоце Делчев“ и „Д-р Николиќ“, при што едната од правец на зградата на ЕВН кон Црвен крст, а другата во спротивната насока.

Предвидено е во наредниот период да се организира и јавна расправа со граѓаните, посебно за жителите кои живеат на овие улици, за да се слушнат и нивните мислења за изнесените предлози. Сообраќајното решение потоа ќе оди на одобрување во МВР, а понатаму ќе одлучува Советот на Општина Кочани.