Во едночасовното дело на француската продукциска куќа „Лумина филм“, авторите Мишел Гуриери и Мари Наполи го прикажуваат животот, творештвото и настапите на Наат Велиов и неговиот „Оригинал Кочани оркестар“, кој важи за најголемиот дувачки оркестар на Балканот.
Велиов го искажа задоволството што филмот се прикажува пред кочанската публика.
– Со оркестарот го прошетав светот, настапував пред многуилјадна публика во Франција, Белгија, Италија, Данска, Германија, Турција, Канада, Америка – рамо до рамо со светските виртуози, создадов музика за филмови, за театар, свирев пред Папата, на Светското првенство во Франција – рече Велиов пред присутните.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека е чест и задоволство светот да твори за наш сограѓанин и дека Кочани се гордее што има жива легенда, светско име и музички бренд, еден од најголемите репрезенти на традиционалната ромска и македонска музика во Европа и во светот, музичар со над 2 илјади концерти, сите во живо.
Филмот го прикажува Велиов како импресивен музичар кој обединува неколку јазици и култури. Покрај за неговата кариера вклучува моменти и од приватниот живот и ромската традиција.
Проекцијата на филмот е реализирана со средства од Програмата за култура на Општина Кочани, по иницијатива на уметниците Ристе Ѓорѓиев Вржалски и Орхан Ќамилов, а во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ и Ансамблот „Митко Алексов“ од Кочани.