По петдневна програма и по синоќешното спуштање на завесата на 58. издание на овогодишниот Драмски аматерски фестивал, денеска Комисјата за финансии, буџет и локален економски развој при Советот на Општина Кочани едногласно го прифати предлогот во Буџетот на Општина Кочани за 2022 година да се предвидат средства во износ од 400 илјади денари, што ќе овозможи стабилно функционирање на Фестивалот.

Според градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, ваквата одлука ќе влијае позитивно на начинот на организирањето и ќе овозможи навремено планирање на следниот ДАФ, од кој се очекува зголемен број програмски денови, збогатен репертоар и подобар квалитет. На тој начин Драмскиот аматерски фестивал, покрај тоа што ќе биде значајна културна манифестација, ќе придонесе Кочани да биде привлечна туристичка дестинација за посетителите. Илијев истакнува дека ваквото трасирање на нов пат на ДАФ ќе значи и реализација на овогодишното мото – ДАФ продолжува.

Се очекува в петок, на редовната седница Советот на Општина Кочани едногласно да го усвои заклучокот на Комисијата, со што ќе му овозможи сигурна иднина на Фестивалот, кој 45 години се одржува во Кочани.