Кочани беше домаќин на првото издание на спортско-рекреативната трка „Freedomrun“, настан наменет за љубителите на природата, трчањето и на здравиот начин на живот.

На 4 јули, на Споменикот на слободата во Кочани, од каде што почна трката, се собраа натпреварувачи и граѓани од цела Македонија.

Организаторот Ненад Василев од Кочани истакна дека настанот има за цел да ги промовира спортот и рекреацијата, издржливоста и слободата и да поттикне дружење меѓу учесниците и посетителите.

На трката учествуваа 280 натпреварувачи на различна возраст, кои трчаа по земјена патека од Споменикот на слободата во Кочани, по течението на Кочанска Река до браната Гратче.

По прогласувањето на најуспешните, имаше забава со познати диџеи.

Настанот е организиран со поддршка од Општина Кочани, приватни компании и граѓани. 

За поддршката, Општина Кочани доби благодарница од организаторот на настанот.