Општина Кочани подготви тридневна програма за одбележување на Петровден – празникот на Кочани, со настани од културен, духовен, музички, спортски и забавен карактер, наменети за сите генерации.
Одбележувањето започнува в петок, 10 јули, со традиционалниот прием на првенците на генерацијата и наградените ученици, како признание за нивните постигнувања и успеси.
Главните празнични активности продолжуваат на 11 јули, кога на СРЦ „Пониква“ ќе се одржи Влашкиот етнофестивал „На Петровден сите на планина“, а во Паркот на Револуцијата најмладите ќе уживаат во детски водни авантури.
Во вечерните часови, Градскиот парк ќе биде место за музичка програма. Во 20:15 ч. ќе настапи диџеј Џани Филипо во чест на Стефан Тасевски – DJ C2 и останатите ангели, по што следуваат концертите на Дина Јашари и на групата „Дупер“.Во рамките на духовното одбележување на празникот, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ ќе се одржи вечерна богослужба, по што ќе следуваат литија и кршење на славскиот колач во Градскиот парк. Програмата ќе заврши со Духовна академија и настап на музичкиот состав „Портал“.
В недела, на 12 јули повторно ќе се организираат детските водни игри во Паркот на Револуцијата, а попладнето ќе се одржи детскиот фестивал „Калинка“. На Осоговските Планини ќе се реализира автомобилско шоу во организација на Street Car Club Kochani, додека празничната програма ќе биде заокружена со прогласување на победниците на Петровденскиот турнир во мал фудбал во ОУ „Никола Карев“.
Општина Кочани ги поканува сите граѓани и посетители заедно да го одбележат Петровден и да бидат дел од богатата празнична програма исполнета со традиција, музика, спорт, духовност и забава.























