– Целта на Програмата ОКР е од една страна да бидат вклучени невработените и тешко вработливите лица во пазарот на трудот и да станат поконкурентни, а од друга страна да се подобри квалитетот на живот на социјалните и ранливите категории на граѓани во општината, преку давање бесплатни социјални услуги – истакна координаторката на проектот Аника Илијевска-Ѓорѓиева.
Во 2021 година Општина Кочани конкурираше со два проекта:
„Поддршка“, поддржан од УНДП, во кој се ангажирани 18 лица со работни задолженија во пет различни области и тоа: негуватели во градинка, лични и образовни асистенти, лица во Центарот за донации и лица во улога на даватели на психо-социјална поддршка. Со проектот „Нега“, поддржан од Швајцарската агенција за развој, е одобрен ангажман на шест лица, сите ангажирани како негуватели на лица со хендикеп.
Ангажираните лица во проектите ги поздрави градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов.
– Имате целосна поддршка од мене како градоначалник, од Општина Кочани и од службите во неа. Сметам дека долгогодишното искуство ќе ни даде за право да имаме континуитет и омасовување на поддршката и на лицата што испорачуваат услуги и на примателите на услугите. Ги поздравувам државните институции, меѓународните организации и граѓанските здруженија кои учествуваат во реализацијата на овие проекти и помагаат поддршката на граѓаните да добива на квалитет – истакна пред присутните Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.
Од оваа година за првпат програмата Општинско корисна работа им овозможи на сите даватели на услуга да бидат вклучени за период од девет месеци, односно до крајот на мај 2022 година. Обуките за сертификати беа задолжителни и бесплатни, поради што 15-мина од 24-те вклучени лица поминаа тримесечна обука. Дополнителна обука ќе добијат тројцата образовни асистенти.
Во периодот од 2014 со 2021 година се ангажирани повеќе од 100 даватели на услуга во различни услужни дејности, а се опслужени околу илјада корисници од различни целни групи.