Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов, заедно со неговата сопруга Билјана Ангелова и дел од тимот на Бугарската амбасада, оствари средба со градоначалникот Љупчо Папазов. Заедно со амбасадорот Ангелов беше присутен  и Петар Петров, прв секретар на Бугарската амбасада.

Денешната средба им овозможи на градоначалникот Љупчо Папазов и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов да ја продолжат пријателската соработка и со тоа да се придонесат за што повеќе успеси и реализација на нови проекти за Општина Кочани.

На средбата беа споменати сите досегашни спроведени проекти преку Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија. Такви се Модерна инфраструктура – успешен бизнис, проект за рехабилитација на дел од инфраструктурата во Индустриската зона во Кочани и уредување зелени површини; Еднакви во културните различности – создавање на Етнокуќа во Општина Кочани и создавање Дом на културно и историско наследство на Рила во Општина Рила; Заедничка иднина со зелени згради – реконструкција и енергетска ефикасност на зградата на Општина Кочани и проектот Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина, со кој беше извршена реконструкција на Мултикултурниот центар во Кочани. Со проектот за рехабилитацијата на СРЦ Бавчалук беше извршена реконструкција на срушените мостови и поплочување на патеките со бекатон плочки,  а тој исто така беше реализиран во соработка и поддршка од Амбасадата на Република Бугарија.

Освен за досегашните спроведени проекти, се разговараше и за сите идни, со кои пријателската соработка ќе продолжи. Бугарскиот амбасадор истакна дека во наредниот период ќе пружи целосна поддршка во повеќе проекти за нашата општина преку програмите за финансирање на Амбасадата: реконструкција на училишта, градинки и други јавни објекти, како и поддршка во спроведување и презентирање на проекти од програмите на Европската Унија.