Советот на Општина Кочани на редовната 42 седница расправаше по 18 точки, од кои најголемо внимание предизвикаа извештаите за успехот и работењето на општинските основни и средни училишта за првото полугодие од учебната 2015-2016 година.

Во дискусиите, опозициската советничка група побара одговори на прашања поврзани со долговите на училиштата, но и резултати од анализите за сменското работење.

Советот го разгледуваше и Извештајот за извршените активности во согласност со Програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести во 2015 година, информациите за наводнување на земјоделските површини во Кочани и за санитарно-хигиенската и техничката состојба на предучилишните и училишните установи и за Детската градинка „Павлина Велјанова“.

На седницата беа истакнати и загрижувачките податоци поврзани со малолетничката деликвенција, а беше побарано од соодветните служби да се казнат сторителите на вандалскиот чин врз споменикот на Никола Карев во Паркот на револуцијата на Кочани.

Советот ги усвои информациите за субвенциите во земјоделството на подрачјето на Кочани и за аплицираните и реализираните проекти во 2015 година и го донесе Оперативниот план за заштита и одбрана од поплави.