Кочани е една од подобрите општини во Република Македонија којашто ги решава проблемите со бесправно изградените објекти – рече градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски на денешната средба со деветтемина граѓани од Кочани кои го завршиле процесот на легализација на својот бесправно изграден објект.

– Заклучно со август 2011 година имавме добиено 5988 пријави од кои се решени преку 3200 односно околу 54 %. Само 42 пријави се решени негативно, односно немало услови објектите да се легализираат, додека остатокот е во постапка. Затоа апелирам до нашите сограѓани да ги комплетираат документите пред сè со изработка на елаборати, за да можат нашите служби да ги решаваат предмет по предмет – рече Димитровски.

На средбата градоначалникот соопшти дека тече преодниот рок за пријавивање на бесправно изградени објекти, но на оние до стапувањето на сила на Законот август 2011.

Според информациите на стручните служби, досега се пријавени 581 таков објект, а рокот за пријавување е до 31 март оваа година. Од Општината апелираат да не го чекаат последниот рок, туку во наредниот период да ги пријават објектите.