Во месноста Арамиска Чешма, на Пониква, се изведуваат геомеханичките истражувања како основа за изработка на проектна документација за изградба на мала акумулација на Осоговските Планини.

– Се работи за сондажно дупчење на три места по оската на браната. Изведувач е  Градежниот институт „Македонија“, а инвеститор е Општина Кочани, од чиј буџет се наменети околу 2,5 милиони денари – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.  

Според стручните служби на ГИМ, теренските работи вклучуваат и ископ на бунари по оската на браната со длабочина од 2 до 4 метри и геотехничко картирање на јадрото од дупнатините, од каде ќе се земаат проби за лабораториски испитувања, како и испитувања на водопропустливоста во сондажните дупнатини.

Примарната намена на малата акумулација на Арамиска Чешма е водоснабдување за туристичката населба на Пониква, како и на селата Нивичани, Пантелеј и Рајчани. Освен за водоснабдување, водата од акумулацијата може да се употребува и за производство на вештачки снег, а во следната фаза да се овозможи и нејзино прилагодување за екстремни зимски спортови.

Вкупниот капацитет на браната е планиран на 52 илјади метри кубни вода, а висината на насипниот преграден ѕид е 19,5 м. Со оглед на специфичната локација на акумулацијата, за да се обезбедат доволни количини вода, покрај од постојниот поток, предвидени се и три доводни канали со должина од 660 до 1 300 метри, кои ќе опфаќаат дополнителна сливна површина.

Водоснабдувањето на Пониква е еден од приоритетите за обезбедување поквалитетни услови за развој на туризмот во овој дел на Осоговските Планини, особено во туристичката населба на Пониква која сега брои 140 викендички и има 5 угостителски објекти со вкупно 250  легла.

По  изработката на проектната документација за малата акумулација, ќе се бара пристап до финансиските фондови за реализација на проекти од ваков вид.