На делницата од регионалниот пат Пониква – Кочани, којашто минатата година доби нов асфалтен слој,  во тек се градежните работи за поставување банкини, еластична ограда и за изградба на риголи.

– Со тековните активности се комплетира санацијата и рехабилитацијата на овој, за нас особено значаен, патен правец.  Вградувањето на стабилизирани делови на патните насипи и еластичните браници ќе ја зголемат безбедноста на оваа сообраќајница, а со квалитетното спроведување на површните води ќе се продолжи неговиот век –  вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Минатата година Општина Кочани преку Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди средства за поправка на најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани. Градежните работи се одвиваа на потегот од паркингот на Пониква кон градот, во должина од 10, 4 км. Непосредно потоа се асфалтираше и улицата „Страшо Ербапче“ која води кон Пониква. Беа реконструирани 2,4 километри од крстосницата кон Пониква, на влезот во Кочани, до клучката кај Бели.

Според најавите од раководните служби, за санација се земаат предвид уште 7 км од патот Пониква – Кочани. Поправките и на овој дел, целосно ќе ја подобрат сообраќајницата до најпознатиот  туристички центар на Осоговијата.

Подобрувајќи ја патната инфраструктура кон Пониква, со нов, модерен пат, се работи на целта – да се создаде што  попривлечна туристичка дестинација на Осоговските Планини.