Во рамките на Литературниот карван што го организира Општина Кочани, во Центарот за култура „Бели мугри“ беше промовиран новиот роман за деца од Киро Донев, „Јамболија што лае“.

– Напишав таква книга за децата, како што сакав јас да проичитам кога бев дете. Тоа е роман сказна, во кој животните зборуваат, роман во кој се опишува менталниот склоп на кучињата, мачките, птиците. Знам дека децата ги сакаат домашните миленичиња, особено кога станува збор за најстарото пријателство меѓу кучето и човекот. Во романот се раскажува за судбината на домашните миленичиња, а целта е да покажеме дека нема кучиња-скитници, нема мачиња-скитници, туку има животни коишто се отфрлени, но тие сепак остануваат најверни пријатели на човекот – рече авторот Донев.

Делото „Јамболија што лае“ го промовираше познатиот македонски автор Горјан Петревски.

„Јамболија што лае“ е издание на „Македоника литера“. Со романот пак, „Збркана сказна“ кој е преведен на бугарски, српски, турски и на украински, Киро Донев ќе се претстави и на саемот на книгата во Софија.