Дваесет и петмина жители на Кочани, редовни студенти на државните универзитети ќе бидат корисници на стипендија на Општина Кочани за студиската 2015/16 година. Договорите за стипендијата им ги врачи градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, кој на средбата со нив го истакна задоволството што Општината, иако симболично, може да им помогне во студирањето.

Според критериумите за добивање стипендија, успехот носеше најмногу 70 бода, материјалниот статус до 20 бода, а пет бода имаа децата на самохрани родители. Приоритет имаа и децата кои до полнолетството престојувале во домови за згрижување во Република Македонија. Студентите од градежен, архитектонски, геодетски и технолошки факултет имаа дополнителни пет поени, бидејќи нивните струки, со одлука на градоначалникот, беа утврдени за дефицитарни.

Стипендистите на Општина Кочани ќе добиваат по 2 500 денари во текот на девет месеци од тековната студиската година.

Првпат Општина Кочани додели стипендии во 2009/10 година, а со годинашниве се доделени вкупно 171 стипендија.