На 1 октомври, во селото Мојанци, во присуство на гости од земјава и странство, членови на фолклорни друштва од Балканот, со изворна македонска песна беа прикажани обичаите зажнејување и вршидба на ориз.
На автентичен начин, во народна носија, со благослови за добар род и здравје, обичаите ги прикажаа членови на Здружението на пензионери од Кочани.
Традиционалното зажнејување и целодневната програма ја следеа и амбасадорите на Република Австрија, Република Полска, Народна Република Кина, Руската Федерација, Јапонија, претставници од амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка, пратеници, советници, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, официјални делегации од збратимените општини, како и високопреосвештениот владика Брегалнички Иларион во придружба на свештенослужители.
Големиот број гости имаа можност да уживаат во традицијата, обичаите и дегустацијата на приготвената храна од ориз од страна на домаќинките на с. Мојанци.
На свеченоста беше доделена наградата за најуспешен оризопроизводител, која годинава ја доби Митко Стојанов, оризопроизводител од Кочани.