Кочанскиот систем за водоснабдување доби нов бунар со кој се обезбедуваат уште 30 литри вода во секунда. Бунарот ја подобрува стабилноста на системот на црпење на водата и овозможува непречено водоснабдување во критичните летни периоди. Со него вкупниот капацитет на целиот систем за водоснабдување е подигнат на 280 литри во секунда. Изграден е со финансиска поддршка од швајцарската влада преку Програмата за мали инфраструктурни проекти, а како дел од Проектот за управување со речниот слив на Брегалница.

На предавањето во употреба присуствуваа амбасадорот на Швајцарија, Стефано Лазарото, министерот за животна средина, Нурхан Изаири и градоначалникот Ратко Димитровски.

Швајцарскиот амбасадор, Стефано Лазарото истакна дека неговата земја е заинтересирана да ја помага еколошката заштита на Македонија, за што владата што тој ја претставува е вклучена во реализацијата на Проектот за управување на сливот на реката Брегалница.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири ја поздрави соработката со швајцарската влада и резултатите од неа.

– Овој проект докажува дека сите ние – нашата Влада преку Министерството за животна средина и нашите пријатели од Швајцарската Конфедерација и Општината Кочани, се грижиме за квалитетно водоснабдување на општината. Со овие 30 литри во секунда овозможуваме да имаме доволни количини на вода и преку преработката во фабриката за вода имаме квалитетна вода за сите жители на општината Кочани, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.

Швајцарските инвестиции или финансиски соучества кон сливот на реката Брегалница, вклучувајќи ја и онаа идната во Кочани, претставуваат најголема инвестиција не само во земјата, туку и пошироко на Западниот Балкан.

Новиот бунар во водоснабдителниот систем во Грдовски Орман е прв целосно реализиран проект од петнаесетте слични што се реализираат во рамките на Проектот за управување со сливот на Брегалница. За изградбата на бунарот беа инвестирани околу 3 милиони денари од кои со околу 16 отсто од вредноста учествуваше Општина Кочани, а остатокот е донација од швајцарската влада.