Заврши асфалтирањето на делницата од Оризари до месноста Врговци во кочанска Пресека. Поставен е нов асафлтен слој по претходно пробиен и израмнет пат, вградени испусти за атмосферска вода и поставен тампонски слој.

Коловозот е со должина од 4 километри, а со широчина од 3,5 метри.

– Добивме квалитетно изградена делница кон Пресека, во руралниот дел на Осоговијата. Сметам дека реализацијата на овој проект во значајна мера ќе влијае на подобрувањето на квалитетот на животот на овдешното население – изјави Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани, при посетата на патниот правец Оризари-Врговци.

Инвеститор во изградбата беше Јавното претпријатие за државни патишта со средства од Европската банка за обнова и развој. За изградбата на овој дел од патот се потрошени околу 25 милиони денари. Изведувач на работите беше Градежното претпријатие „Гранит“.