– Неслучајно ја одбравме оваа локација за да се сретнеме овде. При изработката на Стратегијата за одржлив развој на Кочани, една од приоритетните задачи е развојот на туризмот, кој не е возможен без Пониква. Притоа, една од основните задачи беше решавањето на патната инфраструктура. Патот беше во очајна состојба, затоа упатувам благодарност до Владата, која за една година изврши целосна рехабилитација на патот од Пониква до Кочани. Денес, Пониква може да се пофали дека по 40 години има реконструиран патен правец и дека го има најдоброто патно поврзување од кој било друг зимски туристички центар. Со проект преку Регионалниот форум на заедници, кој беше со најизразит регионален предзнак, ни беа доделени средства со кои се реконструираа и ски-лифтовите на Пониква. Со апликација и поддршка од Фармахем, успеавме да обновиме 6 км од ловиштето „Полаки“, кое за жал, од човечката негрижа беше целосно напуштено и уништено. Благодарение на овој проект, оградата е реконструирана и почна да се внесува и дивеч. Од ловиштето во Гевгелија се донесени три елени, се очекуваат уште 12, а поставена е неоходната опрема, што значи дека со овој проект го враќаме сјајот на нашиот бисер – истакна Илијев во воведното обраќање.
Градоначалникот ги нагласи и други основни потреби на Пониква: квалитетно водоснабдување и канализирање на отпадните води. Илијев образложи дека на Пониква функционира туристичка населба, на која ѝ недостига одводна канализација, па за таа цел минатата година Општина Кочани изработи проект за изградба на брана на локалитетот Арамиска Чешма. Нејзината изградба целосно ќе го реши водоснабдувањето и на оваа туристичка населба и на трите села кои се во повисокиот дел на Осоговието. Овој проект е поднесен на неколку повици и се очекува да побуди интерес кај потенцијалните инвеститори и оваа брана која е со зафатнина од 52 илјади метри кубни вода да се изгради. Бидејќи ова езеро ќе се наоѓа на 1 553 метри и во зимски услови ќе замрзнува, ќе овозможи уште една зимска рекреативна понуда, односно може да служи како лизгалиште.
– На Пониква во тек е реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ чијашто изградба требаше да заврши до средината на ноември, но, за жал, заради неодоговорноста на изведувачот овој проект доцни и рокот е продолжен до 30 јуни. Со овој проект Пониква ќе добие планинарски дом со 28 легла, сала и други простории, а ќе добие и велосипедски патеки во должина од 35 км на релацијата Кочани – Бавчалук – Брана Гратче – Пониква, што значи нова понуда за љубителите на велосипедизмот – рече Илијев.
Значаен момент за Осоговските Планини е што во ноември оваа година, со одлука на Владата, дел од овој планински масив е прогласен за заштитено подрачје, што ќе придонесе за поголемо искористување на европските фондови кои посебно финансираат и стимулираат активности во вакви заштитени подрачја.
Илијев одговараше на новинарски прашања и видувања за состојбите и можностите за натамошниот развој на туризмот на Осоговските Планини.