Во кругот на Општа болница со проширена дејност во Кочани викендов почна поставувањето на монтажните модули за потребите на регионалната ковид-болница.

Монтажната болница е алтернативен ковид-центар за осум општини од Источниот регион и ќе има капацитет од 30 легла, од кои пет на одделот за интензивна нега, а останатите за хоспитализација на пациентите.

Регионалниот ковид-центар во Кочани ќе располага со приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабораторија, опремени болнички соби и помошни простории за персоналот и за пациентите. Овој месец модулите ќе се поврзуваат на електричната, водоводната и канализациската мрежа, а внатре ќе се инсталира потребната медицинска и друга опрема. Медицинскиот персонал, кој досега работеше во Ковид-центарот во рамките на интерното одделение, ќе биде ангажиран во новите простории.

Во рамките на поддршката за изградба на монтажната болница, Општина Кочани од сопствениот буџет ја финансираше изградбата на бетонската платформа и ги обезбеди потребните приклучоци за струја, вода и канализација. Градоначалникот Николчо Илијев смета дека модуларната болница е значајна придобивка која по завршувањето на пандемијата ќе биде прилагодена за потребите на кочанската Општа болница.

Се очекува модуларната ковид-болница, која е дел од проектот на Министерството за здравство за поставување 16 вакви објекти во нашата држава, до почетокот на март да биде ставена во функција.