Се наѕира новиот изглед на Мултикултурниот центар, чија реконструкција е навлезена во втората етапа.

Хидроизолацијата и термофасадата од северниот дел  се завршени, се работи на западната страна. На приземјето, во салата се поставува  внатрешна изолација, а привршува и уредувањето на балконот. Градежните работи на поткровниот дел се завршени, по што следуваат молерските.

Објектот доби комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, нова ПВЦ-столарија, подови, осветлување и нови тоалети. Според проектот, ќе добие сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација.

Паралелно со реконструкцијата, надлежните служби работат на подготовка на структурниот концепт за функционирање на МКЦ.

Реновираниот објект, со салата со капацитет од стотина места, повторно ќе биде оспособен за културни случувања. МКЦ е замислен како центар на творци и креативци со изложбен дел за експонати од културно-историско значење. По примерот на европските искуства овој центар ќе создаде можност и за развој на претприемачкиот дух, преку модели и форми за пренесување знаења за развој и поддршка на бизнис-идеи од нивниот зародиш.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е во рамките на реализацијата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, каде водечки партнер е Центарот за развој на ИПР, заедно со Општина Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер.

Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.