Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев извршија увид на градежните работи на улицата „Тодосија Паунов“ и на изградбата на третата зграда за семејства во социјален ризик во Драчевик, инвестиција наАкционерското друштво за станбен и деловен простор.

– За рехабилитација на левиот коловоз од улицата „Тодосија Паунов“, од проектот за реконструкција на локалните улици во општините инвестиравме 6,6 милиони денари. Општина Кочани преку блок-дотации од Министерството за транспорт и врски доби 6 милиони денари за изградба на кружни текови на улицата „Тодосија Паунов“. Практично со овие инвестиции општината заокружува една целина во изградба на модерно булеварското решение со што ќе се овозможи побезбеден сообраќај во градот. Исто така би сакал да потенцирам дека во вториот тендер од овој проект во Кочани ќе се реконструираат уште две улици „Гошо Викентиев“ и „Раде Кратовче“ – изјави министерот Бочварски.

Министерот и градоначалникот извршија увид и во изградба на новата социјална зграда, објект со 34 станови, инвестиција од околу 1 милион евра.

– Две третини од реконструкцијата на „Тодосија Паунов“ е завршена. Во продолжение работиме на кружните текови и на реконструкција на тротоарите. Завршивме со уредувањето на комуналната инфраструктура на „Гошо Викентиев“ и „Раде Кратовче“, па наскоро ќе почне нивната реконструкција. Сакаме да направиме пристојни улици за граѓаните и заедно со централната власт да овозможиме дом за сите ранливи семејства – рече Николчо Илијев, градоначалник на општина Кочани.

Илијев додаде дека новата социјална зграда, заедно со проектот за изградба на куќи за семејствата кои живеат во супстандардни услови во Старата касарна, ќе реши голем дел од станбените проблеми на граѓаните од загрозените категории и се заблагодари за финансиската поддршка од Министерството, но и на жителите од населбата Драчевик кои, по неодамнешните протести, имаа разбирање за потребите на нашите сограѓани и се согласија овде да се гради новиот објект, со барање да се почитуваат законите и јавниот ред и мир.