По повод Петровден, во Градскиот парк во Кочани се одржаа низа мултимедијални културни настани, како дел од Летната културна програма на Општина Кочани.

Во соработка со „Македонскиот рок-архив“ во Центарот за култура „Бели мугри“ беше поставена изложбата со наслов „Визуелниот говор на македонските носачи на звук во XX век“, а во Градскиот парк беше организирана Регионалната летна берза на винили.

– Овде има продавачи на плочи од регионот, од Зрењанин, Ниш, Белград, Подгорица, Приштина, од Куманово, Скопје и Кочани. За првпат во Македонија се случува летна берза на плочи, по претходно одржаните зимски варијанти во Скопје. Овој мултимедијален настан ја промовира урбаната култура со намера Кочани да биде на пиедесталот на културата во Македонија – изјави Тошо Филиповски од „Македонскиот рок-архив“.

Паралелно со Берзата на винили, шестмина диџеи, кои едновремено беа и продавачи на плочи, пуштаа музика од различни жанрови: реге, алтернативен џез, рок…

Дваесетина креативци учествуваа на Базарот на ракотворби, каде покрај уметнички  изработки можеа да се  купат и домашно изработени тестенини и производи со органски предзнак.

Во саботата навечер, „Суперхикс“ го одржа првиот концерт  по паузата предизвикана од здравствената криза. Со музика од тридецениски распон, членовите на „Суперхикс“ создадоа синергија со публиката, незаборавен музички настан и одлична забава за многубројната публика. Локална поддршка на концертот што се одржа во Градскиот парк беше составот „Малинов кру“.

Летната културна програма по повод Петровден заврши со финалните натпревари од „Петровденскиот турнир во мал фудбал“.