Со свечената изјава на деветнаесетте членови, беше верифициран нивниот мандат и конституиран новиот Совет на Општина Кочани. Со првата седница претседаваше највозрасниот член на Советот, Ангел Максимов.

Веднаш по конституирањето се одржа и втората седница на која едногласно, за претседател на Советот беше избран Томе Солевски.

– Ви благодарам за довербата, посебно ми е чест што сум избран едногласно, тоа е прв знак за еден нов ветер во работата на овој состав на Советот – рече во своето прво обраќање, претседателот Солевски.

Конституирањето на Советот и мандатот на членовите им го честиташе градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, кој посака конструктивна работа и соработка во интерес на граѓаните.

На втората седница беа формирани единаесет комисии како тела на Советот и беше донесено решението со кое сите членови на Советот ќе учествуваат при склучувањето бракови.

Во овој состав, мнозинството од десет советници во Советот го има СДСМ и коалицијата, осум советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и еден советник е од независна листа. Во Советот членуваат 12 мажи и 7 жени.