На втората седница, пред формирањето на комисиите како тела на Советот, Општина Кочани, преку координаторите за еднакви можности на жените и мажите, упати препорака за спроведување позитивни мерки со кои при еднакви услови се дава приоритет на лица од помалку застапениот пол, сè додека не се постигне еднаква застапеност на двата пола или не се постигне целта заради која се преземени.

Според координаторката за еднакви можности во Општина Кочани, Љубинка Ајтовска, Советот на Општина Кочани е еден од ретките во Република Македонија што на ваков официјален и транспарентен начин, покажа политичка волја и родов сензибилитет за прифаќање и почитување на позитивните законски мерки за еднаква застапеност на мажите и жените во комисиите.

– Препорачавме дека не треба како во минатиот состав, комисиите за сообраќај и за комунални работи да бидат составени само од мажи, а Комисијата за еднакви можности да биде „женска“ комисија. За почеток, поместувањата можеби се минимални, но нивното суштинско значење е големо – рече Ајтовска.

Координаторите за еднакви можности во Општина Кочани изразија надеж дека почитувањето на препораката од Советот ќе го отвори патот за унапредување на родовата еднаквост и почитување на Законот за еднакви можности и во другите локални јавни установи, служби, комисии и одбори.

Општина Кочани соработува со канцеларијата на UN Women во Скопје во насока на зајакнување на капацитетите на општинската администрација и на советот за родово одговорно креирање политики и буџети и унапредување на родовата еднаквост.