„Животната средина бара огромен ангажман и континуирана посветеност од сите институции, беспрекорна координација, висока јавна свест и одговорно однесување на секој физички и правен субјект. На денешниот Светски ден на животната средина, сакам да ве повикам сите да дадеме придонес за почист воздух, вода, почва, заради сите нас, заради идните генерации. Секој од нас е важен чинител за доброто здравје кое е во директна зависност од животната средина.“
По повод Денот на планетата Земја, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев упати пораки до своите сограѓани, потсетувајќи на континуираните залагања за обезбедување чиста и здрава животна средина.
„Во однос на пошумувањето, пролетва само во Трговскиот центар засадивме 80 нови садници; за расчистување на диви депонии Општина Кочани потроши 3 милиони денари, кај најкритичните зони кои и по чистењето се полнат за ден-два, поставивме метални огради за да ги одвикнеме жителите oд лошите навики. Од Програмата за намалување на аерозагадувањето обезбедивме проекти за хортикултурно уредување на школските дворови на „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“, енергетска ефикасност со замена на кров и нова фасада на ОУ „Малина Попиванова“ и средства за замена на начинот на загревање на Центарот за култура „Бели мугри“. Во завршна фаза е прогласувањето на Осогово за заштитено подрачје, со што ќе се овозможи рационално користење на природните богатства и зачувување на живиот свет од оваа средина“, потсети Илијев.
Градоначалникот нагласи дека во ниеден момент не престанал да одржува комуникација со централната власт за решавање на сѐ уште актуелното прашање со аерозагадувањето од фабрички оџак од стариот индустриски дел во Кочани – секогаш во доменот што го дозволуваат неговите и надлежностите на локалната самоуправа. Во оваа пригода упати повик до сите одговорни, да постапуваат законски и да не ги изложуваат на ризик жителите на Кочани.
Илијев наброја низа актуелни проекти поврзани со заштитата на животната средина: изградбата на велосипедските патеки со проектот „Планински велосипедски рај“;„Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ проект со кој сламата од оризовото поле ќе се користи за добивање компост од Пречистителната станица за отпадни води – чие тестирање се очекува наскоро; активности за искористување на обновливите извори на енергија; како и претстојното уредување на коритото на Кочанска Река од мостот кај Зебец до локалитетот Бавчалук.