Градоначалникот  на Општина Кочани Николчо Илијев денеска одржа работен состанок со кочански угостители, претежно од Трговскиот центар, на кој се разговараше за  проблемите со кои се соочуваат, како последица на здравствената криза.

Угостителите упатија барања за ослободување од неколку општински трошоци и дополнително користење на јавна површина, додека трае работата на угостителските објекти според утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.

– Во делот на мерките што ги побараа, односно на кои ние можеме да одговориме во овој момент, подготвени сме да излеземе во пресрет бидејќи сме свесни за состојбата со коронавирусот, поради која дел од стопанските гранки не можат нормално да функционираат. Се договоривме да најдеме соодветно решение и да бидат задоволени барањата во рамките на законските решенија што ни стојат на располагање. Меѓу другото дискутиравме и за јавните прометни површини и за изгледот на објектите што се доградени со настрешници и тука Општина Кочани има јасни ставови дека заеднички треба да работиме и овој проблем да го решиме, така што и тие ќе можат да функционираат, а и граѓаните да си го добијат својот простор којшто им е потребен и е наменет за сите граѓани на Општина Кочани – соопшти Илијев.

Градоначалникот предложи ново идејно решение за доградените настрешници, согласно урбанистичките норми и закони, за да се добие поубав еднообразен изглед, да се  обезбеди пристап на специјални возила, уредени жардиниери – кои сега се запуштени и до кои во моментот не може да се пријде. Најави дека Општина Кочани ќе се погрижи да обезбеди нови машини за чистење на плочникот и нови канти за отпад.

Ставовите на Општината наидоа на разбирање и одобрување од угостителите.

– Денешната средба е почетен дијалог помеѓу угостителите и Општината, и на наше големо задоволство наидовме на мошне отворена комуникација каде што на нашите поставени барања ни беа дадени конкретни одговори и се договоривме за идните чекори – изјави Руди Ѓорѓиев, претставник на угостителите.

На крајот на средбата, градоначалникот Илијев заклучи дека Трговскиот центар е на сите граѓани и најдобрата опција за Кочани е да се обезбеди законско користење на јавните површини, функционален простор за сите граѓани,  естетски уреден и убав простор, привлечен за сите граѓани.