Продолжува уривањето на старите градби на улицата „Стево Теодосиевски“ поранешна „Ленинова“. На просторот во близина на Спортската сала, остануваат уште четири објекти, за чија експропријација одлучува надлежниот суд.

– Согласно урбанистичкиот план, оваа улица има булеварско решение со по две ленти во двата правца, со разделно зеленило меѓу нив. Продолжува расчитувањето на теренот, а додека да почне изградбата планираме да направиме привремен паркинг. Исто така, планирано е и асфалтирање на улицата „Петровденска“, која се наоѓа зад станбениот комплекс, со што централното градско подрачје ќе добие сосема нов изглед – соопшти Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување и располагање со градежно земјиште во Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев смета дека со решавањето на сообраќајот по „Тодосија Паунов“ со кружни текови, сѐ до Туристичката агенција „Велј-јан“, централното подрачје на Кочани ќе добие урбан изглед, а сообраќајните тешкотии ќе бидат надминати.

– Чекор по чекор одиме во зацртаниот правец, пробивање на улицата сѐ до Туристичката агенција „Вел-јан“. Со забрзувањето на овие процеси ќе овозможиме решавање на еден од клучните проблеми во Кочани во делот на сообраќајот, со булеварско решение за влез и излез од Кочани. Веќе е избрана фирма за проектирање на улицата „Стево Теодосиевски“, со што ќе се завршат сите подготвителни работи пред почетокот на градењето. Во тек е изработката на проект за целосна реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“ со кружни текови, па на целиот овој потег ќе се обезбеди побезбеден сообраќај – изјави Илијев.

Средувајќи го овој дел од градот, Општина Кочани решава еден горлив проблем. Објектите кои се под удар на Деталниот урбанистички план повеќе децении стојат во ваква состојба, создаваат грд изглед и се опасност за учесниците во сообраќајот, пред сѐ за пешаците, меѓу кои голем дел се и ученици.

– Затоа сметам дека решаваме важно и приоритетно прашање што ќе придонесе за непречен развој на градот. Тоа покажува дека работиме во интерес на граѓаните и ги препознаваме клучните проблеми со кои тие се соочуваат – додаде градоначалникот.

Во однос на другите сообраќајни решенија Илијев извести дека во тек е изработка на нов сообраќаен проект, со нов сообраќаен режим, со кој прецизно ќе бидат предвидени местата за паркирање, чиј број во централното градско подрачје ќе се зголеми. Улицата што ги поврзува „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“ кај Трговскиот центар се планира да биде сервисна, паркирањето – забрането, со што ќе се олесни протокот на сообраќај за сите учесници.