Привршуваат организациските подготовки за „Осоговскиот велеслалом“, кој ќе се одржи на Пониква, в недела на 28 февруари 2021 година, во 11 ч., во организација на Општина Кочани и Скијачката федерација на Македонија.
Во сите пет категории, во машка и во женска конкуренција – цицибани, деца, млади, сениори и ветерани – се пријавени осумдесетина натпреварувачи од Кочани, Скопје, Битола, Штип, Виница и други градови. Учесниците ќе скијаат на ски-патеката 3, која за натпреварот ја подготвува и опремува Скијачката федерација на Македонија, во соработка со рекреативни скијачи од Кочани.
Сончевите денови и топлото време изминативе денови ѝ се противеа на снежната покривка на Осоговските Планини, но организаторите очекуваат дека патеката ќе ги задоволи критериумите за нормална реализација на скијачкиот настан. Поддршка на организаторите ќе бидат и Територијалната противпожарна единица и служби од Министерството за внатрешни работи.
Настанот се организира по иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, а целта е да се промовира Пониква како скијачки центар. Идејата е да се мотивираат децата и младите да научат да скијаат, а тие што веќе ја поседуваат оваа вештина – што повеќе да ја практикуваат.
Општина Кочани на најуспешните во сите категории ќе им додели награди и признанија.