На 25 февруари 2021 година, во салата на Мултикултурниот центар, Советот на Општина Кочани ја одржа 53. редовна седница.

На дневниот ред се најдоа 34 точки. Советот ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за активностите на Општина Кочани во областа на заштитата на животната средина и  на Програмата за јавно осветлување во Општина Кочани за 2021 година, а донесе одлука за изведување односно поставување подземни контејнери за комунален отпад.

Со одлука на Советот, за 20 % се намали висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани, утврдена со Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани за 2021 година. Намалувањето на комуналиите ќе важи до крајот на 2021 година, а се однесува на објекти со намена домување и комерцијални дејности. Со оваа одлука не се опфатени викенд-куќите на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“.

Советот го утврди проектот Реконструкција на ул. „Роза Петрова“ за приоритетен проект со сопствено кофинансирање. За реализација на овој проект Општина Кочани ќе ги искористи и неискористените средства од Вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП 2).

Со одлука на Советот, формирана е Комисија за утврдување предлози за изменување на грбот и знамето на Општина Кочани.