По повод 64. роденден на светскиот трубач, кочанецот Неат Велиов, на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ беше прикажан документарниот филм „Кралот“.

Во едночасовното дело на француската продукциска куќа „Лумина филм“, авторите Мишел Гуриери и Мари Наполи го прикажуваат животот, творештвото и настапите на Наат Велиов и неговиот „Оригинал Кочани оркестар“, кој важи за најголемиот дувачки оркестар на Балканот.

Велиов го искажа задоволството што филмот се прикажува пред кочанската публика.

– Со оркестарот го прошетав светот, настапував пред многуилјадна публика во Франција, Белгија, Италија, Данска, Германија, Турција, Канада, Америка – рамо до рамо со светските виртуози, создадов музика за филмови, за театар, свирев пред Папата, на Светското првенство во Франција – рече Велиов пред присутните.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека е чест и задоволство светот да твори за наш сограѓанин и дека Кочани се гордее што има жива легенда, светско име и музички бренд, еден од најголемите репрезенти на традиционалната ромска и македонска музика во Европа и во светот, музичар со над 2 илјади концерти, сите во живо.

Филмот го прикажува Велиов како импресивен музичар кој обединува неколку јазици и култури. Покрај за неговата кариера вклучува моменти и од приватниот живот и ромската традиција.

Проекцијата на филмот е реализирана со средства од Програмата за култура на Општина Кочани, по иницијатива на уметниците Ристе Ѓорѓиев Вржалски и Орхан Ќамилов, а во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ и Ансамблот „Митко Алексов“ од Кочани.