Сериозниот пристап и ангажман во проектот Општинско корисна работа што втора година се реализираше во Кочани, ја смести Општината во најуспешните во регионот по спроведувањето на проектот. На единаесетте ангажирани лица во него, на свеченост по повод завршувањето на проектот им беа врачени потврди, што може да им помогне полесно да најдат работен ангажман.
– Носител на активноста беше Општина Кочани во соработка и координација со Агенцијата за вработување, чии стручни служби ја спроведоа постапката за аплицирање на заинтересираните лица и проверката дали тие ги исполнуваат потребните услови. Лицата ангажирани во проектот беа распоредени во четири различни области во времетраење од 6 месеци. Тие добија соодветни сертификати кои можат да се внесат во нивните индивидуални планови за вработување како потврди за познавањата од одреден вид услуга што ја дале, и на тој начин ќе можат полесно да најдат вработување, објасни Ивана Зашева од Агенцијата за вработување во Кочани.
Учеството во проектот веќе им помогнало на три лица да најдат нов работен ангажман.