На електронското наддавање што одржа по 22 објава за продажба на градежно земјиште – сопственост на Република Македонија, се лицитираше вкупно за 31 плац, од понудените 49 од кои 18 беа за индивидуално домување, 23 за викенд куќи, 1 парцела за времено сместување – хотели и 7 за лесна индустрија и мало стопанство – соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

На оваа лицитација отуѓена е парцелата за изградба на комерцијален објект – хотел со компатибилна класа на намена – со површина од 5 966 м2, за која е постигната цена од 313 денари за метар квадратен. Од 23 локации понудени за изградба на викенд куќи на Пониква, се отуѓени 21 парцела, сите над месноста викана Аеродром, при што се постигнати цени од 71-550 денари за метар квадратен.

Исто така отуѓени се 6 парцели за индивидуално домување, на улиците „Ѓорче Петров“, „Ката Мокрејка“, „Орце Николов“ и „Бранко Пендовски“. Од понудените 7, на јавното наддавање се отуѓени 3 парцели за лесна индустрија и мало стопанство, на местата викани Драчевик и Белски Дол.

– Се очекува сите средства да бидат уплатени до 24 декември, со што ќе се оствари приход од 7.330.000 денари, од кои 5.870.000 денари ќе бидат приход на Општина Кочани, а остатокот на сметка на Буџетот на Република Македонија – рече Димитровски.

Поради зголемиот интерес за купување градежни парцели, до крајот на годината Општина Кочани планира да спроведе уште една продажба на градежни парцели.