Здружението „Зонта“ од Скопје во соработка со невладината „Еднакви за сите“, ОУ „Малина Попиванова“ и Општина Кочани, а со поддршка од УСАИД, и во Кочани реализираше караван како дел од меѓународната кампања „Против насилството врз жените и девојчињата“.

На 4 декември, од платото пред Трговскиот центар, граѓани, ученици и волонтери изведоа марш низ центарот на градот.

– Со овој марш сакаме да порачаме дека нема потреба од насилство врз жените и девојчињата и повикуваме на поголемо владеење на љубота меѓу луѓето – рече Жаклина Пауновска Ангелковиќ, од Здружението „Еднакви за сите“.

На 5 декември се одржа работилница која беше наменета за личниот развој на поединецот, односно за зајакнувањето на самодовербата кај жените.

– Работилницава има за цел да ја подигне самодовербата на оние кои присуствуваат на неа и да им овозможи самите себе да се развијат, да знаат како на некои работи да им кажат не, кои работи да ги сакаат, како да си ги подредат приоритетите – рече Лолита Чекреџи, претставник од „Зонта“.

Во караванот со централна точка во Кочани, беа вклучени и Скопје и Пехчево.