– За една година, колку што сум градоначалник, Кочани доби близу 200 милиони денари од централната власт за реализација на инфраструктурни проекти, нешто што не се случувало во изминатите децении. Тоа се повеќе од 3 милиони евра од државната каса по различни основи, сума која е блиска до реализираниот општински буџет за оваа година – соопшти на прес-конфренција градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, во анализата на состојбите при крајот на календарската година.
Илијев наброја дека со 102 милиона денари е извршена целосна рехабилитација на 11 км од патот Пониква – Кочани; одобрени се 30 милиони денари за проектот Планински велоиспедски рај; со 14,5 милиони денари во тек е реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“; асфалтиран е патот од Крушка кон Полаки; 6.300.000 денари се дадени за изградба на улици во Ромското Маало, се асфалтираат два километри од улицата „Страшо Ербапче“, а добиена е поддршка од 20 милиони денари за расчистување на долговите во образованието.
Во пресрет на креирањето на новиот општински буџет, градоначалникот Илијев најави планско и рационално трошење на парите на граѓаните, со решавање на зацртаните приоритети.
– Секоја ставка во буџетот за 2019 година ќе биде зголемена, а вкупните планирани средства ќе бидат помалку од овогодишните и реално планиран буџет од 180 милиони денари. Зголемувањето на средствата за инфраструктурата ќе биде од 61 милион на 75,5 милиони, а сето ова зборува за нашите намери за економично, планско и рационално работење – најави градоначалникот на Кочани.
Во наредниот период општинскиот нацрт-буџет за 2019 г. ќе се најде на расправа пред јавноста.