Министерството за образование и наука одобри средства за рехабилитација на санитарните јазли во Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани. Оваа инвестиција доаѓа по поднесениот проект од раководните служби, како еден од училишните приоритети.

Рехабилитацијата опфаќа целосно менување на водоводната, канализациската мрежа, санитарните елементи и поставување нови врати и прозорци во тоалетите на приземјето, двата ката, поткровјето и во гимназиската спортска сала.

– Училишните санитарни јазли се во многу лоша состојба и задоволни сме што наскоро ваквата слика ќе се смени – вели Игор Христов, директор на кочанската гимназија.

Поправките на тоалетите ќе опфатат површина од околу 200 метри квадратни, а доаѓаат по околу две децении и по честите укажувања за потребата од подобрување од страна на Санитарната инспекција.

–  Со оглед дека финансиските долгови на основните и средните училишта се расчистени или сведени на минимум, сега тие имаат можност со поголеми сопствени средства да ги реновираат критичните делови од објектите. Дел од нив веќе имаат изработени проекти со кои ќе се подобри енергетската ефикасност или ќе се решат некои приоритети – вели Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Пролетва заврши рехабилитацијата на санитарните јазли во основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Никола Карев“, а средното училиште „Гошо Викентиев“  ја замени столаријата на училишната зграда што ќе ја редуцира загубата на топлинска енергија.   Со апликација поднесена од Општина Кочани, на двете средни училишта се инсталираа фотонапонски модули кои веќе произведуваат струја.