Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и раководителката на Центарот за развој на Источниот плански регион, Драгица Здравева го потпишаа договорот за соработка во реализацијата на проектот за реконструкција на зградата на Мултикултурниот центар во Кочани.

Средствата се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, во партнерство со Општина Гоце Делчев.

– За реконструкција и адаптација на зградата на Мултикултурниот центар ќе бидат наменети 316.000 евра, од кои 213.000 евра се од Интерег ИПА-програмата, 37.000 се од Министерството за локална самоуправа и 65.000 евра се кофинансирање од Општина Кочани – соопшти Здравева, раководителка на Центарот за развој на ИПР.

– Во период од 24 месеци ќе се интервенира во заштита на објектот од подземната вода, ќе се постави комплетно нова термоизолациска фасада, нова кровна конструкција и покрив, нова внатрешна и надворешна столарија, ќе се изврши внатрешна обработка на ѕидовите и санитариите – најави градоначалникот Илијев.

Изборот на најповолен изведувач на градежните работи се врши со тендерска постапка според ПРАГ-процедурата.

Некогашното Старо кино во Кочани, по различните намени во осумдесеттите и деведесеттите години,  во 2002 година беше реконструирано во Мултикултурен центар со мала сцена. По дведецениското користење за граѓански, културни и образовни цели, реконструкцијата и адаптацијата на овој објект доаѓаат во вистинско време.