Со финансиска поддршка од Владата, Општина Кочани ќе го санира системот за одвод на фекални води во месноста Колерски гробишта.
Со одлука на Владата, одобрени се 220.675 денари за изградба и санација на главната колекторска линија и за изградба на два нови крака во должина од 200 м.
Според градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, ова се само дел од потребните средства за решавање на овој инфраструктурен проблем во населбата Трајаново Трло, остатокот ќе биде обезбеден од општинскиот буџет.
– Целта е што поскоро да обезбедиме трајно решение за нормализирање на условите за живот во овој дел од градот. Покрај нашите заложби, во подобрувањето на состојбата треба да се вклучат и граѓаните, пред сè со совесно однесување – повика градоначалникот Илијев.
Според стручните служби на Комуналното претпријатие „Водовод“, дефектите во канализацискиот систем во Колерски гробишта се резултат на затнување на канализацискиот одвод од несоодветно исфрлени предмети, поради што веќе се работи на пресметки за целосната изведба за поставување нова инсталација со поголем профил. Изградбата и санацијата на канализацијата треба да се реализира во 2019 година.
Кочани е една од дванаесетте општини во државата на кои им се распределени средства од Буџетот на Република Македонија за 2018 година за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите.