Продолжението од 19. седница на Советот заврши без опозициските советници, кои ја напуштија седницата откако се препознаа во забелешката од градоначалникот Николчо Илијев.

– Жалам што советниците водат гола политика и не водат сметка за интересите на граѓаните. Сите ние што седиме овде сме избрани да ги решаваме проблемите, а не да зборуваме за политика. Ова го поткрепувам со фактот што голем дел од советниците на говорницата настапуваат политички, и на паузите си го признаваат тоа. Јас на граѓаните сакам јавно да им кажам дека ние сме овде за да ги решаваме проблемите, а не сме за дневна политика, бидејќи од политиката имаат интерес малкумина, а од јавниот интерес – сите – кажа градоначалникот Илијев.

Опозицијата во Советот ја напушти седницата без образложение, на што градоначалникот истакна:

– Можам да ја разберам реакцијата на советниците, кои ја напуштија седницата, кои не беа спремни да слушнат нешто пореално од тоа што тие го говорат. Веројатно им пречи начинот на нашето работење, начинот на кој ние се справуваме со проблемите и начинот на кој го реализираме буџетот кој се полни од парите на граѓаните, видоа нешто што ги загрижува. Ги загрижува тоа што со помалку средства реализираме повеќе проекти, тоа што за првпат програмски и финансиски транспарентно покажуваме каде оди секој денар.

На продолжението од седницата на дневен ред се најде нацрт-буџетот за 2019 година, расправа во која опозициските членови на Советот не се вклучија.