Седумдесетина младинци од средните училишта и од граѓански здруженија и вработени во Kомуналното претпријатие „Водовод“ се вклучија во Младинската еколошка акција за расчистување на излетничките локалитети Гоцева Шума и Бавчалук во Кочани.
Акцијата ја организираше Центарот за култура, комуникација и едукација на Ромите „Светла иднина“, кој е носител на проектот „Младите успеваат заедно“, а во чии рамки е започната и иницијатива за формирање Младинска акциона група.
– Покрај еколошката цел, еден од мотивите за организирање на екоакцијата е да го промовираме единството помеѓу младите од различно етничко потекло во давањето придонес за здрава животна околина. Ова е втора активност за уредување на излетничките локалитети, а претходно ја расчистувавме околината на Споменикот на слободата во Кочани. Нашата крајна цел е да заживее Младинската акциона група чија задача ќе биде да ги потенцира проблемите со кои се соочуваат младите на локално ниво, рече Мануела Саидова, претседателка на „Светла иднина“.
Еколошките акции и иницијативата за формирање Младинска акциона група се финансирани со грант од УСАИД во рамки на проектот за граѓанско учество, со поддршка од Општина Кочнаи.
Проектот на ЦККЕР „Светла иднина“ ќе се реализира до крајот на јануари идната година, а од него треба да произлезе стратегија за младите што треба да го насочи младинскиот активизам на локално ниво.